Болен и сам, 40 годишниот Владо Јовановски од скопско Волково 3 години се бори со сиромаштијата и државата
Три години закован за кревет, едвај се движи само со ортопедско помагало, без доволно лекови и здравствена нега. Кучиња скитници му ја зацрнија иднината на 40 годишниот Владо Јовановски од скопско Волково, а системот му ја угасна и малата искра надеж за подобро утре.
Владо е со траен инвалидитет, по нападот од толпа кучиња во неговата населба во 2022 година, соборувајќи го на земја тие буквално му ја распарчиле десната нога.
Трајниот инвалидитет Владо го остави без работа. Сега со неговата мајка како социјално семејство едвај врзуваат крај со крај. Парите од социјална помош стигаат само за сметките и за киријата за куќата каде престојуваат. Апелираат до хуманите и институции на било каква помош, особено за лекови - кои секој месец недостасуваат за терапијата на Владо. Социјален стан велат мајката и синот значително би ги решил нивните проблеми.
Владо има лекарско решение за траен инвалидитет, но инвалидска пензија не зема. Болен и немоќен без поддршка од никого, вели нема нити време ниту знаење како и каде да аплицира.
Наместо помош, системот му создава и дополнителни маки. Три години талка по судовите да ја добие правдата за трагичниот случај со глутницата кучиња.
Владо и неговата мајка се надеваат на конечен судски епилог со правична одлука за несреќата која ја снајде ова семејство. Очекуваат и помош од хуманите луѓе оти надежта за малку пристоен живот ја гледаат само во човечкта солидарност.