Бојкотот не е решение: Јаневска повика на разум во врска со ученикот со насилна историја
Случајот добил преголема и непотребна јавност е оценката на министерката за образование и наука Весна Јаневска околу бојкотот на наставата во „11 Октомври“ поради најавен транфер на дете со недолично однесување. Секое дете во земјата има право на образование кое и е задолжително, системот на државата е должен да му овозможи на било кое дете да поминува низ образовен процес.
Весна Јаневска – Министерка за образование и наука:
Ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината, значи треба да ја промени. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица.
Со бојкот почнаа вчера, а денес ги презедоа во раце сите мерки кои им се на располагање. Вчера родителите ја објаснија причината за нивниот револт и бојкотирање на наставата во училиштето.
Раководството на училиштето „11 Октомври“ прво дало согласност за трансферот на детето, но по реакцијата на родителите кои дознале дека ученикот претходно бил отпишан од друго училиште, директорката Даница Блажеска ја повлекла согласноста бидејќи како што појасни била доведена во заблуда.
Освен што не го сакаат во училиштето „11 Октомври“ во Центар, проблематичното дете е непожелно да се врати ниту во училиштето од каде доаѓа – Лазо Ангеловски во Аеродром. Родителите со најава за бојкот и таму кој ќе се спроведува во сите паралелки.