Бојкот на маркетите и во регионов
Нов бојкот на маркетите.Иницијативата која прв пат се појави во Хрватска, зема замав во државите од Западен Балкан. Иако од денеска стапува во сила владината одлука за директни мерки за контрола на цените на одредени производи, апел до жителите на Хрватска да се воздржат од купување.
Платформата „Ало Инспекторе“ , која ја започна иницијативата, повика од утре да има еднонеделна блокада на малопродажниот синџир Конзум откако претходно, една седмица беа бојкотирани три трговски синџири во земјата.
„Факт е дека овие 70 производи се добредојдени за граѓаните. Се поставува прашањето, што значи ако имаме ограничена цена која е повисока од онаа на хрватскиот пазар? Ова му овозможува на трговецот да продолжи да ги зголемува цените. Полица за сиромашните - до сега можеше да се видат овие производи на полиците, но дали трговците го почитуваа тоа? Очекуваме повторно да се бојкотира се, од трговски ланци до услуги. Значи, не се работи само за продавници и трговски центри, туку ги повикуваме потрошувачите да не одат во аптеки, пекари, кафулиња, ресторани.“ - Јосип Келемен платформа „Ало инспекторе!“.
Во Босна и Херцеговина пак бојкотот ќе трае два дена и нема да се однесува само на супермаркетите туку ќе ги опфати и бензиските пумпи и угостителските објекти. Под притисок на јавноста, Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина најави дека ќе донесе одлука за „замрзнување на цените“ на вкупно 50 производи, додека владата на Република Српска најави зголемени инспекции и санкции за трговците на мало за неоправдано поскапување.
И во Црна Гора денеска почна дводневен бојкот на малопродажните синџири поради високите цени. Здружение „Алтернатива“ ги обвини сопствениците на супермаркетите дека профитираат на сметка на народот.
„Време е да се каже - доста. Ако сега не ја прекинеме оваа дрскост, утре лебот ќе го плаќаме со злато. Црна Гора се крева против алчноста. Сложни, обединети, истрајни.“ - Алтернатива.
Во исто време, за денеска најавен бојкот и во Србија и Словенија каде веќе една недела трае бојкотот на одредени трговски синџири и производи. Инцијативата ги поттикна и жителите на Косово, Бугарија и Грција, кои притиснати од растот на цените, се одлучија на еднодневен бојкот на супермаркетите.