Блокиран автопатот Штип - Миладиновци: Барање за прекин на преговорите со Бугарија

Автопатот Штип Миладиновци, кај клучката Три чешми, утринава околу еден час беше блокиран. Протестираа од здружението Трета република. Бараат прекин на преговорите со Бугарија и распуштање на сите меѓудржавни историски комисии.

Најавија дека ако не им се исполнат барањата, целосно 24 часа ќе блокираат четири локации во државата. Од МВР велат дека протестот не бил пријавен до нив, а поради блокадата,  се направи долга колона и возилата беа пренасочувани кон стариот пат преку Кадрифаково. 

Прекин на преговорите со Бугарија, укинување на Договорот за доврососедство и сите исторски комисии со источниот сосед. Тоа се главните барања на Здружението „Трета република“ што утринава целосно го блокираше автопатот Штип Миладиновци. 

„Ова е само предупредувачки протест. Ако до понеделник Владата не ги исполни нашите барања целосно, 24 часа ќе блокираме четири локации во државата. Локациите ќе ги откриеме непосредно пред блокадите“, вели во телефонска изјава за ТВ 24,  Љупчо Палевски, од Трета република. 

Од МВР велат дека протестот не пријавен до нив, а завршил во 10 часот. 

Автопатот Штип- Миладиновци е најбрза врска на целиот исток и југоистокот со главниот град. Поради блокадата утринава се создаде колона на возила околу еден километар, а голем дел од автомобилите се враќаа по стариот пат преку село Кадрифаково.