БЛОКАДА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ, МАШИНОВОЗАЧИТЕ БАРААТ 30 ОТСТО НАДОМЕСТ НА ПЛАТА

Железничките станици денеска останаа празни. Возовите од седум часот утрината немаше кој да ги вози. Машинскиот персонал во Железници Транспорт ја бојкотира работата. Велат дека нема да влезат во локомотивите се додека не добијат зголемување од 30 на 40 проценти на надоместокот на плата за квалитет, за кој велат дека им следува поради зголемен обем на работа и недоволен број на персонал.

„Само уште 10 насто, а тоа се околу 1200 до 1500 денари по човек е барањето за да одиме на работа. 140 машиновозачи се потребни, а имаме 64, од кои 16 годинава ќе заминат во пензија. Пред некое време на систематски преглед во Струмица беа 35 колеги од кои половина ќе заминат во Германија. Им организираат курс по германски и тие за 11 месеци ќе заминат на работа во Германија. Кој ќе работи не знам. И дали некој размислува воопшто за тоа. Ќе нема кој да ги вози возовите.“ - Душко Чакаровски, машиновозач во МЖ Транспорт.

Директорот на МЖ Траснпорт Орхан Муртезани не сакаше да застане пред нашата камера. Во писмено соопштение тврди дека прекинот на железничкиот сообраќај е незаконски зашто не биле запазени процедурите за штрајк.

„Раководството одржа повеќе состаноци со погоре наведениот синдикат на кои беше укажано дека предметните побарувања од машинскиот и извршен персонал се надвор од финансиските можности на Друштвото.“

Во соопштението стои и дека платите на машиновозачите во декември се зголемени за 5 % и се повисоки од оние на дипломираните инжинери во Железницата. Ресорниот министер Сугарески апелираше машиновозачите да продолжат со работа. Но не, како што вели, по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.

„Подготвен сум повторно да разговараме. И во мојот разговор вчера со нив укажав дека во делот на измени на систематизации секогаш и јас како ресорен министер и управниот одбор сме подготвени да преговараме, не по цена да има уцена и не по цена да се наруши и да се прави штета на работењето.“ - Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски.

Граѓаните се затекнаа изненадени на железничките станици.

 

Според податоците на Министерството за финансии МЖ Транспорт е најзадолжената институција во државата. Заклучно со декември, има неплатен долг од фантастични 53 милиони евра, а годинава ќе стасаат за плаќање уште нови 8 милиони. Граѓаните се жалат на ладните возови, кои поради дефекти не работат во полна пареа. Два од новите кинески воза веќе се паркирани, поради дефекти.