Близу милион евра лежат на сметката на Црвен крст, а повредените од Кочани сами си плаќаат лекарства и помагала

Здравствена Комисија формирана од тим од ресорното Министерство, во координација со Црвениот Крст и Владата допрва ќе одлучува колку финансиски средства ќе бидат распределени на повредените од пожарот во Кочани. Во моментов на сметката на Црвениот Крст на Македонија има речиси 800 илјади евра и овие средства нема да бидат распределени линеарно, туку ќе зависи од сериозноста на повредите кај секој поединечно, објаснува за 24 генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.

По многуте реакции во јавноста, 24 праша и во Влада, дали и како Владата планира да помогне на повредените од пожарот во кочанската дискотека, со оглед на тоа дека во моментов на сите повредени кои што се вратени од лекување во странство и е потребна помош? Од таму велат дека нивниот најголем фокус и во изминатиот период, но и во периодот кој следи е токму Кочани, особено помош и поддршка на сите погодени од трагедијата. 

“Владата и Црвениот крст, одлучија да има една наменска сметка за сите погодени од трагедијата во Кочани и од таму во неколку наврати се исплатени средства и на оние кои загубија свои најблиски, но и на повредените за што јавноста редовно ја информиравме. Дополнително, Владата обезбеди и транспорт, сместување и логистика на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство и целосно го покрива нивното лекување”, велат оттаму.

Од друга страна пак, кочанчани се разочарани од целата ситуација и од тоа во какви услови се приморани да се лекуваат нивните повредени сограѓани. 

Последиците од оваа голема трагедија, во која згаснаа над 60 животи е последица од крајно несовесната работа на соодветните институции, високата корупција и неказнивоста, и затоа, покрај тоа што е морално и човечки, помош од власта мора да има-децидни се граѓаните, бидејќи како што велат сите преживеани не бараат ништо повеќе од она што им следува – достоинствено лекување, здравствена поддршка, грижа и секако правда.