Блиска соработничка на министерот за земјоделство Трипуновски е една од осомничените за криминал
Продолжуваат обвинувањата адресирани до министерството за земјоделство од страна на опозициската СДСМ, поврзани со скандалот за директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев и негови соработници кои во моментов на четири лица им е определена мерка притвор од 30 дена,а за петтосомничената определен е куќен притвор. Опозицијата бара одговорност.
Александар Димитриевски-СДСМ, Комисија за земјоделство: „Денеска откриваме и информации кои се доставени до нас за директни врски со највисоките структури во Министерството за земјоделство. Меѓу петтемина осомничени во овој случај се наоѓа и Јасмина Костадинова. Таа е поранешна посебна советничка на Цветан Трипуновски, назначена токму во моментот кога тој ја презема функцијата дополнителен заменик-министер за земјоделство. Од тоа произлегува јасно прашање: Како може министерот Трипуновски да тврди дека нема никаква врска со случајот, кога во скандалот е инволвирана негова блиска и доверлива соработничка?“
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, вчера изјави дека не гледа опасност за средствата од ИПАРД програмата и националните плаќања кои ги има државата. Посочи дека Агенцијата е посебно тело и апелираше надлежните да го истражат случајот до крај.
Цветан Трипуновски Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: „Опозицијата повикува на моја оставка, сакам да потенцирам дека Агенцијата е посебна иституција која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело кое работи согласно нивниот план и активности, не гледам никаква поврзаност. Апелирам дека овој случај треба да се истражи до крај и доколку има одговорност да се делува согласност законот и процедурата.“
Во петокот, Кривичниот суд го прифати предлогот на ОЈОГОКК и одреди мерка притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев и за уште три лица, како и куќен притвор за петтосомничената. Ова доаѓа откако петте осомничени лица, во четвртокот беа лишени од слобода по акција спроведена на ОЈО ГОКК и МВР, а Обвинителството побара притвор. Според надлежните, постои основано сомнение дека првосомничениот сторил кривично дело Давање поткуп и кривично дело Давање награда за противзаконито влијание, додека три лица како посредници сториле кривично дело Примање награда, а едно лице сторило кривично дело Примање поткуп.

