Блинкен го осуди „неодговорниот“ кинески прекин во комуникацијата со САД

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ја обвини Кина за „неодговорните чекори“ со прекинот на клучните комуникациски канали со Вашингтон и кажа дека нејзините дејствија во Тајван покажуваат промена во однесувањето – давање приоритетот на мирното решение на разликите кон употреба на сила.

Коментарите на Блинкен доаѓаат откако кинески авиони и воени бродови денеска вежбаат напад врз Тајван, изјавија властите на оваа островска земја, што е еден од серијата чекори што Пекинг ги презеде по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на Тајван претходно оваа недела.

-Одмаздата на Кина со запирањето на билатералните процеси во осум клучни области, вклучувајќи ги одбраната, наркотиците, транснационалниот криминал и климатските промени се потези кои ќе го казнат целиот свет, а не само САД, рече Блинкен на прес-конференција во Манила.

„Тоа вклучува неколку воени канали, кои се клучни за да се избегне погрешна комуникација и криза“, додаде тој.

-Суспендирањето на соработката за климата не ги казнува САД, туку го казнува светот, особено светот во развој. Не треба да ја држиме соработката за прашања од глобално значење во заложништво поради разликите меѓу нашите две земји, кажа шефот на американската дипломатија.

Борбата против климатските промени е клучна област на соработка меѓу двете велесили и двата најголеми емитери  на штетните стакленички гасови.

Блинкен кажа и дека САД од соузниците слушнале загриженост за, како што ги нарече, опасните и дестабилизирачки дејствија на Кина над Тајван, но додаде дека Вашингтон ќе остане непоколеблив во справувањето со ситуацијата.

Тој кажа дека на својот кинески колега, министерот за надворешни работи Ванг Ји, на регионалниот состанок во Камбоџа му пренел дека САД се решени да ги задржат каналите за комуникација за да спречат погрешни пресметки, како што очекуваат земјите ширум светот да сторат.

-Значи, да бидеме јасни, САД не веруваат дека е во интерес на Тајван, на регионот или на нашата национална безбедност да ескалира ситуацијата, рече тој.

„Ќе ги задржиме отворени нашите канали за комуникација со Кина, со намера да избегнеме ескалација поради недоразбирања или погрешна комуникација. Одржувањето на дијалогот е несомнено уште поважно кога сме во период на зголемени тензии… Се обидуваме да ги деескалираме овие тензии. И ние мислиме дека дијалогот е многу важен елемент на тоа, додаде Блинкен.