Бизнисот под итно ги бара парите од унгарскиот кредит
Додека банките тактизираат со објавувањето на висината на провизиите од унгарскиот кредит, бизнисот бара пари веднаш. Првиот човек на стопанската комора Бранко Азески ги повика и Владата и банките, под итно да го имплементираат договореното.
Токму имплементација на договорите се рак-рана на земјава, оти нивното спроведување секогаш наидува на различни прашања и дилеми, вели Азески во својата најнова колумна, алудирајќи на кредитната линија од Унгарија наменета за бизнисот.
- Намерата на премиерот да помогне на бизнисот е чесна како и настојувањата на банкарите да го одбранат своето. Но, чесно е барањето на бизнисот, имплементација одма. Тоа ќе овозможи заедно со другите инвестициони активности што ги најавува Владата на РСМ и оние што ги планираат компаниите ,да внесеме доза на оптимизам дека работите одат кон посакуваната цел, а тоа подразбира раст на економијата поголем од 1.8% што беше просек во изминатиот период.
Минатата недела, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска најави дека Владата им попуштила на банките и се нафатила трошоците да паднат на товар буџетот, што значи дека граѓаните ќе ги платат и провизиите и каматите за кредитите кои компаниите ќе ги земат. Сега се чекаат пресметките на банките за висината на провизиите. Од Владата велат дека и денеска нема ништо ново околу ова. Не осврнувајќи се за ова во својата колумна, претседателот на Комората Азески вели дека брзото имплементирање ќе ги охрабри компаниите да почнат да инвестираат.
- Деновиве имаме конкретен пример со што можеме да им покажеме на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, имаме способност и за имплементација преку широк консензус за поддршка на бизнисот и неговите потреби како приоритет во наредните години. Тоа значи дека парите од унгарскиот кредит кои институционално беа процесуирани преку македонското собрание и легнати на сметката на Народната банка на РСМ мора веднаш да се стават во функција. Едноставно кажано, тој сигнал би поттикнал и другите компании да тргнат по патот на инвестициите што е единствено решение за нашите проблеми.
Дел од економските аналитичари го критикуваа тоа што државата ќе им ги плаќа каматите и провизиите за кредитите на фирмите. Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт побара Владата да донесе некаков механизам, за да можат и граѓаните, на чиј грб ќе падне овој трошок, да добијат некаков бенефит, преку воведување т.н. Данок на богатите. Премиерот Мицкоски пред три дена изрази разочарување од односот на банките, но не демантираше дека трошокот ќе падне кај Владата.