Бизнисмените до новинарите: Направете го регистарот на професионални онлајн медиуми, ние ќе ве следиме
Foto

Бизнисмените до новинарите: Направете го регистарот на професионални онлајн медиуми, ние ќе ве следиме

Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија во соработка со Стопанската комора денеска во Битола одржаа средба на тема: “Соработка помеѓу новинарите и локалната бизнис заедница преку создавање на професионални онлајн медиуми”.

На средбата учествуваа новинари, медиумски сопственици како и претставници на бизнис заедницата, а се разговараше за создавање на регистар на професионални онлајн медиуми. Регистарот се очекува да биде подготвен во текот на идниот месец, а треба да служи за да и помогне на јавноста, но и на бизнис заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми се професионални, се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

Преку овие средби ЗНМ, СЕММ и Стопанската комора сакаат да дојдат до најквалитетните решенија кои ќе доведат до поголема професионализација на новинарството и ќе придонесат за промоција на саморегулацијата во медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека овој Регистар ќе придонесе да се подобри кредибилитетот на професионалните медиуми, да се препознаат оние кои ги почитуваат стандардите и оние кои се главни прекршители”. Претставничката на СЕММ, Катарина Синадиновска пак посочи дека процесот ќе придонесе за непрофесионалните портали да станат и нерелевантни: “Можеби дел од нив ќе продолжат да постојат, но јавноста ќе знае дека тоа што го пишуваат мора да се зема со резерва”, рече таа.

Претставничката на Стопанската комора за Пелагонискиот регион, Ирена Јакимовска, поддржана од присутните бизнисмени, порача дека Регистарот е вистински чекор во интерес и на бизнис заедницата и дека тие како стопанственици ќе го следат како водич во корпоративните политики кон медиумите.

Оваа активност е поддржана и од Стопанската  комора на Македонија и истата е предвидена во Меморандумот за соработка, претходно потпишан помеѓу ЗНМ и Комората. Оттаму, на средбата присуствуваа новинари од повеќе редакции од Битола и Прилеп, како и претставници од фирмите Бимилк, Мермерен комбинат, Витаминка, Комфи ангел, Тутунски комбинат.

0 Коментари

Остави коментари