Битолското меѓународно биенале на графики и цртежи се претстави во Солун
Меѓународното биенале на минијатурни графики и цртежи „Битола 2023“ гради културни мостови на соработка меѓу Битола и Солун, Грција.
Биеналето, чиј организатор е графичкиот уметник и ликовен критичар Владо Ѓорески, доживеа голем успех и меѓународно признание на изложбата на 3 септември во една од најголемите и најзначајни галерии во Неаполи-Сикиес во Солун. Проектот, поддржан од Општина Битола, содржи над 800 дела на автори од 90 држави од светот кои во Солун беа поставени во 4 посебни оддели на два ката во галеријата.
Од Биеналто велат дека на свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на солунската Општина Неаполи-Сикиес, Симос Данаилидис, кој рече дека ова е една од најзначајните изложби по монументалниот обем и сериозен уметнички пристап, организирана во изминативе дваесетина години во Солун. Со ова, Битола се потврдува и наметнува како балкански центар на графиката чие значење е присутно и актуелно во светски рамки, рече Данаилидис и изрази надеж и желба со овој настан да се отворат вратите за културна и творечка соработка меѓу Битола и Солун. Тој како возвратна изложба ја понуди значајната збирка што ја поседува Галеријата во Неаполи- Сикиес со дела од светски графички творци. Рече дека има голема желба за посета на Битола и средба со градоначалникот Тони Коњановски, тврдејќи дека Битола според својот културен екстракт, е најзначајна општина од соседството.