Битолската Марковски компани доби нови еден милион евра договор за јавна набавка со РЕК
Прво преку видео ја критикува за сомнителни тендери, а потоа власта и даде нов тендер на битолската компанија Марковски. Од новото раководство на државните електрани, Марковски компани доби нов договор вреден над еден милион евра, за ангажман на работна рака за машински интервенции во наредните 12 месеци.
Интересно е што договорот беше склучен само три дена, пред ВМРО-ДПМНЕ да објави видео на „Јутуб“ со критики кон оваа фирма.
Според новиот договор, „Марковски компани“ ќе наплаќа 582 денари од час за бравари и 614 денари за заварувачи. Сепак, договорот е рамковен, односно сумата ќе и исплати само доколку има потреба од нејзина услуга.
- „Договорниот орган го задржува правото во текот на реализацијата на овој договор да го зголеми обемот на услугата до висина на вкупната вредност за реализација на договорот, односно намали обемот на услугата, што зависи од потребите на Договорниот орган.“
Марковски компани е добро позната во јавноста, особено по претходните тендери добиени од РЕК Битола. Претходните години доби стотици милиони евра преку јавни набавки во енергетскиот сектор. Само оваа година, доби тендер од 46 милиони евра за ископ на јаглен. Лани, пак, и беше доделен тендер од 25 милиони евра за ископ на јаловина. Додека беше во опозиција, сегашната власт често критикуваше дека Марковски компани соработува со подизведувачи, меѓу кои и струмички компании поврзани со поранешниот премиер Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ во минатото обвинуваше за наместени тендери во корист на битолската фирма. Но, сега, новото раководство на ЕСМ, назначено од владата на ВМРО-ДПМНЕ, повторно склучува договор со истата компанија.
Од државните електрани велат дека договори со „Марковски компани“ биле склучувани и порано, без разлика која партија е на власт. Компанијата исто така тврди дека сите договори се во рамките на законските процедури. РЕК Битола е клучен дел од енергетскиот сектор и ваквите договори привлекуваат големо внимание. Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, Марковски компани е компанијата која лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори се за ангажирање механизација и работна рака во РЕК Битола.
Во периодот од 2022 до 2023 година компанијата ја дуплирала вредноста на тендерите од 25 на 52 милиони евра. Таа е во постојан подем благодарение на соработката со РЕК Битола. Сопственикот Борче Марковски, кој ретко се појавува во јавноста, е почесен конзул на Белорусија во земјава.