Битката во ЛДП продолжува
Продолжуваат внатрепартиските превирања во ЛДП откако и денеска иницијативниот одбор упати критика за изјавите на претседателката на партијата Зајкова дека како што наведуваат според нив, непринципиелната политика на раководството на ЛДП и Моника Зајкова оди до таму што наместо почитување на интересот и желбата на граѓаните, единствено со што се занимаваат е остварување на желбите и интересите на раководството на ЛДП.
Во денешната реакција до медиумите наведуваат:
- Изборната волја на граѓаните беше јасно кажана на последните избори каде Зајкова како коносител на листа доби црвен картон од граѓаните за нејзините погрешни политики. И наместо да понесе одговорност за изборниот пораз, таа без срам објавува желби да била дел од власта. Дволичната политика на раководството е веќе осудена од членството и од широката јавност.
Зајкова пак и вчера во изјава за ТВ 24 посочи дека Централниот одбор на партијата веќе заседавал и дека идните чекори биле договорени но и дека мора да има одговорност за лошите наративи и прозивки упатени кон неа а доаѓаат од одредени сопартиици но и лица кои како што рече немаат врска со партијата.
Сепак тврди дека партијата има својка агенда а целта е да се поддржеле сите добри политики независно од која партија доаѓаат.
Она што е актуелно деновиве на политичката сцена е наметнувањето на прашањето дали владата со ваквите коалициски превирања кај одредени опозициски партии може да стигне и до двотретинско мнозинство откако претходно и Мендух Тачи го напушти европскиот фронт а Зајкова веќе најавуваше дека е спремна да даде поддршка на Мицковски околу идејата за уставни измени со одложено дејство или тоа да биде државен став и позиција.