Битиќи: Со новиот пакет на антикризни мерки, бизнисот ќе биде поддржан со над 492 милиони евра

„Деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, кој Владата го усвои во вторник, содржи 26 мерки со кои се обезбедува финансиска поддршка  за ранливите категории на граѓани и компании за полесно да ги надминат потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза“, се вели во соопштението проследено од кабинетот на заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

„Една од мерките е издавањето на зелена обврзница во износ од 10 милиони евра во денарска противвредност, односно зајакнување на кредитната линија за поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) во делот на енергетската ефикасност и зелената транзиција.

Новиот пакет на мерки овозможува и проширување на опсегот на компании кои се корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Оваа мерка нема фискални импликации. Го прошируваме опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што ќе бидат наменети 40 милиони евра.

Преку Европската инвестициска банка (ЕИБ) се воведува седма кредитна линија за зелена транзиција, односно за развој на зелена економија преку инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Од нив, 30% се наменети за инвестиции во проекти со енергетска ефикасност и обновливи извори и 70% други намени, а поврзани со зелената транзиција на нашата економија. Целта на оваа мерка е долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на електрична енергија, истата има проценето влијание од 200 милиони евра.

Меѓу другото, добиваме и поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Француската агенција за развој за поддршка на инвестиции во проекти со позитивен придонес врз животната средина и во проекти што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и адаптација, поддршка на женското претпримеништво и финансирање на процеси на дигитализација.

Исто така, ќе се обезбеди поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) за финансирање на микро, мали и средни претпријатија (ММСП) за создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претпримеништво и/или зелени инвестиции.

Деветтиот пакет антикризни мерки кој владата го усвои во вторникот, се воведува инструмент за зелено финансирање, во соработка со Европската банка за обнова и развој, Програмата за развој на Обединетите нации и комерцијалните банки „Green finance“, со проценето влијание од околу 42 милиони евра кои ќе им бидат ставени на располагање на крајните корисници преку домашните комерцијални банки.