Битиќи: Политиките на Мицкоски се неуспешни, тоа го потврдува и Светската банка

Алармантни и поразителни се податоците за економската состојба на земјава, по извештајот на Светска банка објавен завчера, тврди опозицискиот СДСМ. Економијата е на смртна постела, а економските политики на власта се целосно погрешни, вели поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој додава дека по седум години раст, просечната плата за прв пат се намалила и тоа за цели 1000 денари.

Според него, главната причина за лошиот извештај, кој прогнозира дека земјава годината ќе ја заврши со раст од само 1,8 проценти, е топло-ладниот однос кон клучните инфраструктурни проекти - коридорите 8 и 10д, кои наместо да донесат бенефит, власта ги држи само на хартија. Битиќи на иста линија со Светска банка - светлото на крајот на тунелот може да биде само планот за раст на Европската унија.

Единственото нешто што е катастрофално во земјава е само состојбата која СДСМ ја остави после седум години разбојничко управување со државните ресурси, врати премиерот Христијан Мицкоски. Тој тврди дека неговата влада го сопрела слободниот пад на економијата, а сите индикатори биле позитивни.

Дел од експертската јавност ја повикаа владата наместо да се жали на своите претходници, да се зафати со структурни реформи, за да го крене растот на БДП многу повеќе од проекциите на Светска банка. Според нејзиниот извештај, прогнозата за следната година е раст од 2,7 отсто, но само ако се реализираат капиталните инвестиции, потрошувачката на домаќинствата да продолжи, а извозот да се подобри.