Битиќи: Германските компании се охрабрени да инвестираат во нашата земја
Германија е важен економски партнер на Северна Македонија и нејзин главен извозен пазар и реалните очекувања се дека со почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, интензитетот на севкупната економска билатерална соработка ќе се зголеми.
Ова е главната констатацијата од состанокот на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со бизнис делегацијата на Источниот Комитет на Германското стопанство, која ја придружуваше в.д. амбасадорот Ото Граф.
Во изјавата за медиумите после состанокот, вицепремиерот Битиќи укажа дека Германија е важен економски партнер и наш главен извозен пазар, но од другастрана пак, повеќе од 200 компании со германски капитал работат во Северна Македонија, кои вработуваат околу 20.000 луѓе.
„Показател за добрата соработка е реинвестирањето на германските компании во нашата земја, оние кои се веќе тука, остануваат и го зголемуваат и своето производство и бројот на вработени. И тие истите го шират добриот збор за нашата земја и добрите инвестициски услови на други компании кои ја одбираат нашата земја за свој инвестициски партнер“, изјави Битиќи.