Битиќи: До март ќе има доволно суровини за струја

Ова е време на преживување, но струја и парно ќе има без прекини во текот на грејната сезона – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека граѓаните треба да бидат смирени, а државата веќе ги финализира преговорите за набавка на поевтина струја. Во текот на идната недела ќе се знае, од каде Македонија ќе набавува електрична енергија, а најави и интервенирање во отворениот пазар.

До владата пак, се уште не стигнал официјален допис од Адора, од каде велат дека скопските топлани би ги продале по исти цени по кои се купени, бидејќи не им одговарал закуп. Според Битиќи, БЕГ и ЕСМ се уште имаат договор за техинчка соработка, а закупот е легитимна алатка со која би се искористиле топланите исток и запад за да се испорача топлинска енергија. 

Прашан за тоа со кои мерки владата се гордее за сиромашните граѓани, бидејќи цените се европски, а платите македонски, Битиќи немаше конкретна мерка, но вели, се што презела владата досега е во насока на подобрување на стандардот на граѓаните, иако вели, три години по ред има кризи. За тоа дека платите се мали, а цените високи, немаше коментар.

Поради големите злоупотреби со намерно покачување на цените, во Собранието веќе има закон за етичко однесување на пазарот, а Битиќи вели, ги повикал пратениците да направат закон против профитирање во време на криза, а тој ќе го бранел истиот. Пазарната инспекција, во моментов казнува ако трговците не се однесуваат согласно регулираната маржа, а во останатиот дел, каде нема ограничена маржа, државата не може да стори ништо.