Битиќи: Административците да не очекуваат дека доколку се скратат платите на функционерите, тие пари ќе завршат кај нив
Вработените во јавниот сектор да не очекуваат дека доколку се скратат платите на функционерите, тие пари ќе завршат кај нив. Ова на граѓаните кои со месеци протестираат пред институциите им го порача Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.
Битиќи смета дека тоа очекување е погрешно и се сомнева дека станува збор за политичка манипулација од страна на опозицијата.
„Тоа очекување е погрешно, и некој едноставно сака да да креирта такво очекување, затоа што било кое намалување, или ако има намалување нема да биде доволно за да се покрие евентуалното зголемување на 135 илјади вработени во јавниот сектор, затоа што зборуваме за 1260 избрани и именувани лица. Така да, креирање на лажни очекувања е само производ на одредена политичка партија.“ - вели Битиќи.
А револтот на вработените во јавниот сектор секој ден е се поголем. Голем дел од вработените во државните институции се на улица, протестираат за достоинствени плати. Нивните проценки се дека, вработените под државна капа добиваат плати кои според висината се поблиску до минималната од колку до просечната плата во државата.
„Срамота е социјал демократска влада, заменик претседаљтел на социјал демократска влада да кажува дека треба да се скрати на студенти, на пезнионерите, на гладните.“ - изјави Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.
„Крајно сме разочарани од пристапот на владата која немаше слух за нашите праведни барања, и која на крајот не навреди преку вицепремиерот Фатмир Битиќи. Господине Битиќи, размислете какви одлуки имате донесено до сега а како резултат на тие одлуки економијата ни е во колапс.“ - изјави Јасмина Величкова од Независниот синдикат на судска администрација.
Од владата уверуваат дека за брзо време ќе излезат со решение за намалување на нивните зголемени плати од 78 отсто. Во меѓувреме избраните и именувани лица ја трошат осмата плата која во споредба со просечната е повисока за три или четири пати, во зависност од позицијата на функционерот.