Биснисмени за ТВ 24: Од идната министерка за финансии се очекуваат конкретни потези и решенија

Во емисијата 24 анализа гостуваа бизнисмените Мендерес Кучи од Комората за Северозападна Македонија, Дарко Лазаров од Стопанската комора и Орце Симов од Сојуз на Стопанските комори. 

Кучи истакна дека од новата министерка очекува да не го следи примерот на Арсовска и да биде поуспешна. Очекува домаќинско менаџирање, вели Кучи.

Дарко Лазаров од Стопанската комора рече дека имал можност да разговара за приоритетите на македонската економија, сега пресликана во програмата на ВМРО-ДПМНЕ која ќе биде и програма на идната Влада. Смета дека новата министерка е принципиелна личност, посветена личност која во изминатиот период заедно со мандатарот многу време посвети на економските прашања и адресирање на предизвиците на економијата и смета дека ќе биде добар министер. Мора да се нотира дека водењето на економските политики не треба да се сведува само на една личност, односно министерот, вели Лазаров.

Орце Симов од Сојуз на Стопанските комори смета дека суштински и системски треба да се отклонуваат сите проблеми кои влијаат негативно на економијата. Народот е во една безидејност и опозицијата добила гласови благодарение на тоа и сега очекувањата се големи. Сите индикатори кои го покажуваат здравјето на македонската економија се на црвено. Бројот на невработени лица се намалува, но се намалува и бројот на вработените. Луѓето не гледаат иднина и се отселуваат. Средствата во министерството треба да се трошат така што ќе се обезбеди максимална ефикасност и економичност. Најголема помош за стопанството е финансиите да се користат за капитални инвестиции за компаниите да имаат работа, смета Симов.