Бислимовски за ТВ 24: Регулаторната комисија за енергетика прави пресметки за нови цени на парното
До крајот на следната недела скопјани ќе знаат колкави ќе им бидат сметките за парно за следната грејна сезона.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ги прават финалните пресметки на трошоците кои им ги доставиле компаниите задолжени за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Информациите кои се појавија во јавноста се точни, дека две од компаниите кои ги формираше ЕСМ бараат зголемување на цената на парното за 50 отсто бидејќи толкави им се поднесените трошоци за лани, вели за ТВ 24 Марко Бислимовски претседател на РКЕ.
Дистрибуција и снабдување со топлинска енергија бараат 50 односно 54 отсто раст а пак претпријатието за производство смета дека треба да има намалување од речиси 30 отсто.
Бислимовски додава дека зголемените трошоци на овие компании е резултат на растот на цените на железото, цевките, односно на целокупната опрема.
„Ова е битна одлука имајќи во предвид дека сега позајмицата која што беше дадена од страна на ЕСМ преку владата на БЕГ во јануари 2022 година за набавка на природен гас во износ од шест милиони евра треба да ја вкалкулираме во оваа одлука. Така да, сето тоа има свое влијание врз самата цена.“ - вели Бислимовски.
Оваа недела цените на природниот гас бележат благо зголемување и мегават час на холадската берза се продава по цена од 28 евра, на австриската берза 30 евра. Минатата недела цените беа под 25 евра за мегават час. А токму цената на природниот гас е еден од клучните критериуми во формирањето на цената која на крајот ќе ја плаќаат граѓаните. Но особено е битно по која цена ТЕ-ТО ќе продава на компанијата за дистрибуција со топлинска енергија .
„ТЕ-ТО има далеку пониска цена од колку што има регулираниот производител на топлинска енергија, така да ќе се обидеме и преку цената на ТЕ-ТО да влијаеме позитивно на крајната цена за домаќинствата во државата. Во цела 2022 ТЕ-ТО продаваше по релативно ниска цена и негде 60 до 70 % од потребите на потрошувачите приклучени на најголемата мрежа во градот Скопје по цена од 32 евра па потоа по цена од 58 евра.“ - вели Бислимовски.
Инаку, пред една година Регулаторна и ги одзеде лиценците за вршење на енергетска дејност на Балкан Енерџи Груп. Приватната компанија се откажа од бизнисот во земјава поради високите цени на природниот гас на берзите кои беа резултат од војната во Украина. Лани корисниците на парно од ЕСМ добија сметки повисоки за 14 отсто, железарското парно поскапе за 15 а пак корисниците на топлана Скопје север повисоки сметки за 16 отсто.