Бислимоски во СТУДИО 10: Енергетска независност ни обезбедуваше јагленот, сега треба да транзитираме кон сончева енергија

Воведувањето на евтината тарифа значи намалување на 5 отсто во вкупната цена на потрошувачката на домаќинствата. Тоа го гледаме во пакет со промените на цените на струјата. Ако се зголеми ДДВ од 10 на 15 отсто тоа ќе значи поголем приход во буџетот, но јас сум за тоа да се оди чекор по чекор, да видиме како ќе функционира. Јас сум против зголемување на ДДВ, сметам дека домашното производство треба да се одржува стабилно за ЕСМ да може да продава електрична енергија и на слободниот пазар и да заработува, вели Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ во емисијата СТУДИО 10 на ТВ 24.

-Треба да се види како поминавме со потрошувачката на струја зимава, а треба да се земе и предвид ремонтот на РЕК Битола за да можеме да сметаме за евентуално воведување евтина тарифа, вели Бислимоски.

Тој вели дека треба да се види и како стојат работите со хидрологијата, ако нема доволно снегови на планините ќе биде тешко да се наполнат хидроакумулациите. Го посочува проблемот што лани го имаше Албанија на пролет поради лошата хидролошка состојба.

Испади во термоелектраните мора да се очекуваат оти најдобрите години на РЕК Битола поминале на почетокот на овој век. Но мора да сметаме на термоелектраните се додека трае енергетската криза, вели Бислимоски и додава дека нашата енергетска независност досега беше од јагленот, а сега треба да транзитираме кон сончевата енергија.

Потрошувачката на домаќинствата е намалена за 14 отсто благодарение на благата зима.

Од 1 јануари вкупниот трошок за пренос на струја на домаќинствата е намален и нема да биде толку поголем од сметката за потрошена струја, објаснува Бислимоски одговарајќи на поплаките на граѓаните.