Бислимоски: Не очекувам просечната цена на струјата за домаќинствата да биде поголема од еден процент
Цената на струјата може да се зголеми најмногу за еден отсто. Оваа проекција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски денеска ја даде откако соопшти дека домаќинствата и малите фирми ќе имаат намалени трошоци за седум отсо за пренос и дистрибуција на електрична енергија.
Бислимовски вели дека успеале да ја намалат мрежарината поради тоа што компаниите од овој сектор имале поголем профит од тоа што било дозволено од регулаторот. Во текот на следниве денови Универзалниот снабдувач до регулаторот треба да ги достави на контрола цените за домаќинствата и малите потрошувачи.
„Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која ЕСМ ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач која изнесува 62 евра за мегават час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини, не очекувам дека ќе има поголемо покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата од еден процент.“ - Марко Бислимовски претседател на РКЕ.
А до пролет граѓаните не треба да очекуваат зголемување на часовите во кои ќе може да користат дневна евтина таруфа. Регулаторот знае дека граѓаните веќе имаат стекнато добри навики и ја користат евтината струја, но засега не може да се зголемува времетраењето на оваа бенефиција.
Дополнителен еден час дневна евтина тарифа до пролет со сигурност нема да има. Анализата на Регулаторната комисија за енергетика покажала дека засега за тоа нема економска оправданост. Иако, првичните најави беа дека ќе се пролонгира за еден час дневната евтина тарифа со стартот на оваа грејна сезона, но потоа најавите беа дека дневна евтина тарифа еден час повеќе домаќинствата ќе користат од Нова година. Но, последните анализи покажуваат дека тоа ќе се разгледува дури на пролет.
Во текот на следниве две недели треба да се утврдат и тарифните блокови кои ќе важат до јуни следната година. Крајната цена која ќе ја плаќаат домаќинствата и малите форми регулаторот има обврска да ја соопшти до крајот на годинава.