Бислимоски: Ако се прифатат барањата на ЕВН, Мепсо и на „Електродистрибуција“, струјата ќе поскапи 4 отсто, плус 4,72 отсто ддв

Четири проценти поскапа струја ќе плаќаат граѓаните од нова година, ако Регулаторна ги прифати барањата на енергетските компании. Преносниот оператор МЕПСО бара 30 процентно поскапување, а зголемена цена од пет проценти побара и ЕВН Хоум.

Во истовреме, компанијата на ЕВН за дистрибуција на електричната енергија бара намалување од 2,8 отсто. Под услов сето ова да се прифати, поскапувањето ќе биде минимално, вели првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски.

Она што сигурно се знае, е дека од 1 јануари, намаленото ДДВ за струја, почнува да се враќа. Откако пред година ипол поради кризата, Владата од 18 го намали на 5 отсто, од нова година данокот кој ќе се пресметува во следните шест месеци ќе биде 10 проценти. Според Бислимовски, ова зголемување ќе влијае плус 4,72 отсто на крајната цена на струјата. Така, вкупното поскапување, ќе ги чини граѓаните близу 9 отсто. Иако најави, Регулаторна за шест месеци го одложува воведувањето блок тарифи за малите фирми. Пресметките покажале дека и помеѓу нив постојат големи разлики во потрошувачката.

Иако имаат обврска да обезбедат само 55 проценти струја за домаќинствата, а никаква да ги снабдат загубите во преноносниот систем, државните електрани ЕСМ и следната година ќе  покријат 100 проценти од овие потреби.

Бислимовски вели дека компанијата годинава го зголемила производството за 27 отсто, а тој тренд ќе продолжи и догодина. Ниту годинава купувала, ниту следната ЕСМ ќе купува струја за домаќинствата и малите потрошувачи, дециден е првиот човек на Регулаторна, кој повтори дека надминати се недоразбирањата и кај набавките на природен гас.