Бишевац во СТУДИО 10: Политиката го злоупотребува овој монструозен чин на убиство и со озборувања го храни осиромашеното граѓанство
За жал живееме во општество кое со децении се храни со тривијалности, скандали и озборувања. Тоа е карактеристично за општество што тоне во беда и сиромаштија. Дајте му на сиромавиот леб и игри. Злоупотребата на политиката во овој, навистина монструозен чин на убиство, со тоа што се изнесува каде припаѓал со кого се гледал осомничениот повлекува прашање што сме направиле сите ние како луѓе, како професионалнци за да дојдеме до ова. Посредно сите сме дел од она што се случува во општеството. Систем граден на неказнивост не може да произведе ништо друго освен ова, вели поранешниот пратеник Сафет Бишевац во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Со Никола Груевски живеевме во заробено општество. Но прашањето е зошто со доаѓањето на Зоран Заев тоа не се процесуираше. Палевски купил на црниот пазар нелегално прислушувани разговори, кои ги пушти во оптек, и за тоа има писмен договор со синот Верушевски, но иако Палевски беше повикан на распит во СЈО ништо не се случи, вели Бишевац.
Бишевац вели дека оваа власт му овозможила на клучниот играч Никола Груевски да избега од државата. Тој додава дека во полицијата има луѓе што знаат да си ја работат работата и доказ за тоа е брзото решавање на овој случај со монструозно убиство. Но, вели Бишевац,има неказнивост.
- Палевски е производ на Лазе Китановски од СДСМ, а беше најдобар пријател на Доста Димовска од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека Палевски добро пливал во тие води на неказнивост оти овде се битни парите и политичкото влијание, вели Бишевац.
Бишевац вели дека запознавањето на јавноста со детали од случајот требаше да биде преку професионалците од БЈБ, а не преку министерот Спасовски кој е политичка фигура и се обиде тоа да го искористи за лична промоција како потенцијален иден лидер на СДСМ и потенцијален претседателски кандидат.
- Денеска без било какви докази се обвинуваат дека се проруски, проалбански, промакедонски или што и да е, но се додека тоа не е противзаконски е лично прашање. А ако е противзаконски тогаш МВР требало на време да реагира, вели Бишевац.
Бишевац вели дека не е изненаден што Кочо Анѓушев и неговите блиски се најде на американската црна листа, но смета дека на тие луѓе ништо нема да им се случи и дека не верува оти тука нешто ќе се преземе.
- Ние немаме ништо од тоа што Анѓушев, Мерко или другите што се на црната листа нема да патуваат во САД, вели Бишевац.