Бирото за развој на образованието препорачува оценувањето засега да биде онлајн
Наставниците да работат од дома, да не се грее училница за еден наставник, ова денеска како мерка за рационализација на средставата го најави министерката за образование Мила Царовска.
Со цел рационализација на средствата, разговараме со градоначалниците, да не се расфрламе со пари за загревање на цела училница за еден наставник и тие пари да може да се искористат во набавка на ИТ-уреди, изјави министерката.
Царовска денеска кажа и дека оваа година не се дозволени училишни ексурзии.
„Испратени се упатства од Бирото за развој на образование. Може до пет километри да имаат прошетка, движење учениците заедно со наставниците за да може да имаме социјализација.“ - рече Царовска.
За барањата, одржување настава со физичко присуство, министерката порача дека мора да се следат препораките на Комисијата за заразни болести, а со бојкот на настава, според Царовска губат само учениците.
Бирото за развој на образованието и државниот инспекторат вчера им препорачаа на наставниците, учениците да ги добијат првите оценки до 20 ноември, бидејќи наставата оваа учебна година почна на 1 октомври.
Ако наставниците не можат да го проверат знаењето на овој начин, ќе организираат испрашување во училница. Наставникот треба да направи распоред на средби во групи до 10 ученици, но и да ги најави три дена претходно.