Бгнес го објави документот со кој министерката Божиновска декларира бугарска свест и потекло

Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло. Ова во 2004 година го напишала актуелната македонска министерка за енергетика Сања Божиновска, тврди бугарски БГНЕС.

Според бугарскиот медиум, една од најблиските соработнички на премиерот Христијан Мицковски, во 2004 година кога аплицирала за бугарско државјанство, изјавила дека нејзината родители, биле Бугари.

БГНЕС тврди и дека Божиновска била добро запознаена со целата процедура на издавање на докиументите, и покрај тврдењето на Македонската министерка дека и таа како и голем број на други Македонци, поднела барање за бугарско државјанство, исклучиво од економски причини.

„Во декларацијата на Божиновска не се наведени „економски причини“ или „работа во странство“ како причина што таа ја тврди. Вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство. Згора на тоа, во 2004 година, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија.“ - БГНЕС.

Според БГНЕС благодарение на бугарските документи, Божиновска завршила студии во Прага под олеснети услови бидејќи е државјанин на земја членка на Европската унија. Документот и помогнал и додека била директорка во хрватската компанија Руднап .

Министерката за енергетика Сања Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.

- Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението.

Неодамна Божиновска порача дека ниту еден граѓанин на Македонија што добил бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин. Не одговори на прашањето дали се уште има бугарско државјанство.

„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам. Ќе морам да се консултирам со адвокати, тие ја водат оваа процедура. Тоа беше многу одамна.“ - Сања Божиновска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

- И за вашата самосвест?

„Тие изјави беа многу оддамна, не се сеќавам точно кога. Не го водев јас процесот туку адвокатска канцеларија.“

Од СДСМ ја прашаа владеачката партија дали пред Божиновска да биде именувана на функцијата, биле запознаени дека има бугарско државјанство.

„Дали при составот на владата, при разговорите кои што сте ги имале кандидатите, бевте информирани за една ваква ситуација и можеби начелото прво бугарите во влада после во уставот, ќе роди со плод и тоа е начинот на кој ќе дојде до промена на уставот.“ - Оливер Спасовски пратеник СДСМ.

Премиерот Мицкоски пак возврати, наместо да се занимаваме дали Божиновска имала или немала бугарска самосвест, на земјава треба да и е чест што ја има за министерка, бидејќи е личност која е признаен експерт низ цела Европа...

Од Левица пак денеска побараа да се укине можноста за двојно државјанство кај носителите на највисоките функции во земјава.