Без силна државна стратегија и масовна кампања, тешко се рушат табуата и предрасудите за органодарителството

Да се преживее со години во неизвесност, врзан за медицински апарати и во постојано исчекување на чудо. Ова е секојдневието на луѓето кои чекаат орган за да продолжат да дишат. Но, дека спасот е можен, докажуваат приказните на двајца македонци.

За нив, надежта стигна од илјадници километри подалеку. Со трансплантација на срце извршена во Австрија и Шведска, тие добија нова можност да му се радуваат на животот. Денес, нивните сведоштва ја будат јавната свест за суштината на донирањето органи. 

Покрај тоа што е комплексен медицински процес, трансплантацијата во суштина е триумф на човечноста. Во моменти на најдлабока тага, кога едно семејство се збогува со свој близок, одлуката да се зачува нечиј друг живот преку донирање органи е рамна на херојство. Но, за ваквите хумани одлуки да станат секојдневие, а не реткост, неопходна е постојана и гласна едукација на општеството.

Без силна државна стратегија и масовни кампањи, тешко ќе ги срушиме табуата и предрасудите околу оваа тема.

Овие луѓе денес живеат нов, нормален живот благодарение на храброста на некои непознати семејства, но и на гласниот став на поединци кои бараат системски промени. Пораката на сите нив е заедничка: со дарувањето органи не се продолжува само еден живот, туку се победува смртта.