Беснее пожарот кај Блаце
Подметнат пожар или човечка негрижа со фрлен отпушок во трева, пожарникарите и хеликоптерите веќе втор ден се справуваат со огнените стихии кај селото Блаце во о. Чучер Сандево. Гори мешана шума и ниска вегетација, а пламените јазици се шират и кон околните населени места.
Два хеликоптера во над 55 налети исфрлиле повеќе од 70 тони вода – но на секои три часа, според правилата, хеликоптерите мора да мируваат иако пожарот се шири на планинскиот терен, велат од Центарот за управување со кризи.
- Еден крак од пожарот е пресечен и изгаснат, но останува уште еден активен крак кој се шири кон сосема непристапен ридско-планински терен. Интервенцијата е отежната бидејќи пожарот зафатил голема површина. Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола. - Центар за управување со кризи.
Поради пожарот кој беснее целосно е прекинат сообраќајот кон граничниот премин „Блаце“. На територијата на Македонија има уште шест активни пожари. Најпогодена во моментот е општината Македонски Брод, каде има шумски пожари во две села - Црешнево и Слатино како и во населбата Самоков.
За справување со пожарите во летната сезона, од Владата најавуваат мерка за привремено вработување на 400 пожарникари - месечниот надоместок за нив ќе изнесува 24 000 денари.
Во Македонија има скоро половина помалку пожарникари отколку што налага законот - активно работат од 700 -800 пожарникари, а се потребни најмалку 1 500, алармираше неодамна извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ.

