Бесими за ТВ 24: Голем предизвик е да се остане во владата

Министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата 24 анализа истакна дека не може да одговори на прашањето дали и понатаму ќе остане министер во владата.

- Тоа што можам да кажам, во овој период што е став на ДУИ и што е од интерес на граѓаните е политичката стабилност, кога се наоѓаме во период на пандемија и енергетска криза. Оваа криза од аспекти на цените ќе биде до првата половина на наредната година и е стивнува. Голем предизвик е да се остане во владата, а бегање од предизвик не е мој стил. Во ДУИ засега не се разговара за кадровски решенија. - рече Бесими.

Министерот очекува до средината на декември да се гласа буџетот за наредната година, но не може да предвиди дали прво ќе биде донесен буџетот или ќе се изгласа нова реконструирана Влада.

- Има конструктивна дискусија за Предлог буџетот за 2022 година за чие донесување има утврдени законски рокови. Не можам да предвидам што попрво ќе се случи, дали носењето на буџетот или изгласувањето на новата реконструирана Влада. Но, доколку продолжи дебатата каква што е во првите два дена, се очекува во првата половина на декември буџетот да се гласа. Мислам дека сите се свесни од аспект на значењето на донесувањето на буџетот. Има конструктивни дискусии иако има и разлики, но мислам дека има разбирање за носење на овој буџет од сите политички партии во Собранието и барем засега не гледам такво сценарио да се блокира буџетот, рече Бесими.

Блокирањето на буџетот, додаде, ќе значи само финансиска нестабилност и тоа не е во интерес на ниту една политичка партија, ниту на граѓаните.

- Во интерес на граѓаните е политичката стабилност и предвидливоста особено што се наоѓаме во период кога покрај пандемијата, која се уште не стивнува, имаме и енергетска криза која се очекува да стивнува во првата половина на наредната година, истакна Бесими.