Бесими: Ребаланс за заздравување на економијата и поддршка на граѓаните и стопанството

Нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандарот на граѓаните и поддршка на стопанството се обезбедуваат со ребалансот на Буџетот, како средства за заштита или резерва и во случај на потреба ќе влезат во нов пакет мерки. Се обезбедуваат и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците, информираше денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Со ребалансот на Буџетот, што го усвои вчера Владата, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите,  на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот  и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти.