Бесими: Фискално одржлив и таргетиран - деветти пакет антикризни мерки за поддршка на најранливите и стопанството

“Економијата не е егзактна наука, таа е комбинација на научни елементи и уметност”, рекол таткото на модерната економија, американскиот нобеловец, Пол Семјуелсон, потенцирајќи дека „првата и последната лекција која треба да ја научиме за економијата е дека нејзината цел не е да се приближиме кон егзактноста, туку кон подобрувањето на базите на податоци и начинот на расудување согласно нив“. Јас ќе додадам дека крајната цел на секоја економска политика, секогаш, треба да биде мотивирана од обезбедувањето подобри услови и просперитет за граѓаните. Макроекономистите се водат според логиката од најдобриот интерес за најголем број на луѓе, политики што го зголемуваат општото добро за сите, познат во економската теорија како „Парето оптимум“.

Минатата недела го објавивме новиот, деветти, владин пакет антикризни мерки. Граѓаните и фирмите ги очекуваа овие мерки. Мерките беа внимателно дизајнирани, согласно конкретните потреби на нашата економија и таргетирани кон оние категории на кои навистина им е потребна поддршка. Новиот пакет антикризни мерки е обемен, содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра, од кои 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека останатите со индиректни, а распоредени се во две фискални години, внимавајќи на фискалната одржливост. Притоа, три претходно донесени системски мерки, или подобро кажано политики, во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра. - пишува во колумната Бесими.