Бешлиовска во Аргумент плус: Медицинските сестри треба да имаат постојан работен статус а не вработувања со договор на дело
Претседателката на Унијата на пет здравствени здруженија Гордана Бешлиовска во Аргумент плус рече дека вработувањето на медицински сестри со договор на дело треба да престане бидејќи медицинскиот персонал треба да има постојан работен статус. Според неа, потребни се системски промени со цел медицинските сестри да можаат соодветно да се посветат на својата работа.
„Замислете 7 години доаѓате на работа со стрес бидејќи не знаете дали ќе ви се продожи договорот или не и тоа не може да се дозволи во време кога има недостаток на медицински сестри посебно во време кога зборуваме дека инвестицијата во медицинските сестри е важнаа. Ова се луѓе кои ја одбрале професијата бидејќи си ја сакаат работата. Седум години да доаѓаш на работа и да немаш решен статус и придонеси значи си ја сакаш работата и го сакаш тоа што го работиш“, изјави Бешлиовска и додаде дека многу ос сестрите кои останаа без работа се соочени со криза бидејќи нема како да си ги издржуваат своите семејства.
Таа потенцираше и дека во текот на овој месец очекуваат да биде објавен конкурс за вработување на медицински сестри. Според неа, со тие конкурси важно е да бидат опфатени сите сестри бидејќи вчера без работа остана персонал со 6-7 годишно работно искуство.
„Зборуваме за 56 медицински сестри од Прилеп кои останаа без работа. Од нив 46 се со 6-7 години работно искуство. За овој конкурс прашање е колку сите овие сестри ќе имаат предност во вработувањето и ние апелиаме сите овие сестри да добијат работа“, изјави Бешлиовска.
Таа додаде и дека очекува повисоки плати за медицинскиот персонал.