„Беса транс“ продолжува да организира тури
Foto

„Беса транс“ продолжува да организира тури

Инспекторите за транспорт и по речиси три недели откако се случи автобуската несреќа во Бугарија, во која животот го изгубија 45 лица - не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во агенцијата Беса Транс, која ги превезуваше патниците, бидејќи сопственикот не бил достапен. 

Откако ова вчера го изјави директорот на  Инспекторатот за транспорт, Руфат Хусеини, тој денеска за ТВ 24 вели дека доставиле писмен допис до агенцијата со датум и време на вршење на инспекцискиот надзор.  

„Вонредниот инспекциски надзор не е извршен бидејќи седиштето на Беса Транс беше затворено. Новиот надзор согласно Законот за инспекциски надзор е закажан со писмен допис до Беса Транс. Исходот дали ќе се изврши надзорот зависи од тоа дали доставата ќе биде успешна. - вели Руфат Хусеини -  директор на Инспекторатот за транспорт.

А на прашањето дали и колкав рок има агенцијата да одговори на дописот на инспекторатот и дали ако не одговори ќе се бара асистенција од МВР директорот вели:

- Кога инспекторот добива потпишана доставница од управителот на Беса Транс дека го примил известувањето каде е закажано дата и време на надзорот. Кога надзорите се вршат на седиштето на фирмите нема потреба од полициска асистенција“. - вели Хусеини.

Од Министерството за Внатрешни Работи велат дека Инспекторатот досега не доставил никакво барање до полицијата во врска со случајот. Во меѓувреме Бирото за јавна безбедност почнало со вршење контроли на фирмите кои превезуваат патници. 

- Бирото за јавна безбедност има отпочнато Оперативна акција на државно ниво, во рамки на која во содејство со други надлежни служби се вршат контроли околу начинот на добивање на целокупната потребна документација, која е неопходно да ја поседуваат фирмите кои вршат транспорт на патници. - велат од МВР.

За каква правна држава може да стане збор кога од несреќата до денес надлежниот инспекторат нема направено увид во компанијата и изготвено извештај, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

„Очигледно власта и институциите кријат и штитат криминал. Четириесет и пет лица прерано ги изгубија животите, а од надлежните институции нема никаква реакција, иако има огромен број пропусти, злоупотреби на системот и основано сомнение за криминал.“ - велат од ВМРО ДПМНЕ.

Агенцијата „Беса Транс“ пак продолжува со организирање тури од јануари. ТВ 24 се јави на телефонскиот број на агенцијата и од таму ни одговорија дека со турите за Истанбул продолжуваат од јануари, но се уште немаат точни датуми за екскурзиите кои ќе ги организираат. 

Во автобуската несреќа што се случи на 23-ти ноември во Бугарија животот го загубија 45 македонски државјани враќајки се од екскурзија во Истанбул, организирана од Агенцијата Беса Транс.

0 Коментари

Остави коментари