Берлин и Скопје се за старт на преговорите во декември

Продолжуваат дипломатските напори во насока на приближување на ставовите на Северна Македонија и Бугарија со цел овозможување на одржување на првата Меѓувладина седница со ЕУ за време на германското претседателство. Берлин и Скопје се за старт на преговорите во декември, за што како заедничка цел и интерес било разговарано и во текот на вчерашниот телефонски разговор што премиерот Зоран Заев го имал со германската канцеларка Ангела Меркел. Во насока на приближување на ставовите и претседателот Стево Пендаровски разговараше со неговиот бугарски колега Румен Радев, иако повеќе детали за разговорот не беа соопштени.

-Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата Меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите, соопштија вчера од Владата.

Притоа Заев изразил благодарност за зголемениот ангажман на германското претседателство со ЕУ, за личното вклучување на министерот за надворешни работи Хајко Маас, на државниот министер за ЕУ Михаил Рот, како и за личниот ангажман на канцеларката Меркел.

Како што се наближува 10 ноември, кога ЕУ треба да донесе одлука за преговарачката рамка за Северна Македонија, така се интензивираат контактите и средбите на високо ниво со цел да се изнајде решение со Бугарија, за која пак, преговарачката рамка во оваа форма не е прифатлива и најави дека нема да ја одобри. Во овие средби како посредник се вклучи и Германија, која инсистира на одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, за време на претседавањето на Берлин со ЕУ.

За позициите на двете земји и можноста за нивно приближување телефонски разговараа и Пендаровски и Радев, откако бугарскиот претседател претходно свој став за актуелните интензивни дипломатски активности на релација Скопје – Софија објави на неговиот фесјбук-профил и притоа порача дека очекува бугарската Влада да се избори во членот 35 од преговарачката рамка за Република Северна Македонија да ја вклучи националната рамковна позиција усвоена едногласно од Народното собрание пред една година.

– Претседателите на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и на Бугарија Румен Радев денеска телефонски разговараа за позициите на двете држави во однос на условите за започнување преговори на нашата држава за членство во Европската Унија. Двајцата претседатели разговараа за можноста да се постигне одржливо решение за европскиот развој на нашиот регион и, особено, за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, соопшти кусо кабинетот на претседателот Пендаровски.

Вчера од Владата уште еднаш го потврдија својот став, а тоа е оти македонскиот јазик и идентитетот се факти потврдени од ОН и дека за ова не треба да има дилема, како и дека нема потреба од нов договор или од анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година. Овој Договор, рече вчера владиниот портпарол Душко Арсовски, е добра основа и рамка за да продолжат разговорите во насока на изнаоѓање решенија.

На иста линија се и некои македонски аналитичари. Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) во разговор за МИА вели дека Бугарија наметнува пристап во кој процесот на пристапување би го претворила во процес на промена на идентитетот. Мора, потенцира таа, да бидеме и цврсти и јасни дека сме подготвени за објективен процес на исполнување стандарди за пристапување во ЕУ, но не и за негова злоупотреба за ирационални цели, спротивни токму на тие норми и стандарди. -Ако ние сега направиме суштествена отстапка, таа може да води кон друго уште поапсурдно барање, друга отстапка, и така до недоглед, оценува Ристевска Јорданова за МИА.

За најавеното бугарско вето за почетокот на преговори, таа посочува дека е можно да се случи затоа што за донесување на преговарачката рамка е потребен консензус. Таквата блокада, според неа, би имала своја цена и за Бугарија, затоа што таа всушност се спротивставува на предлогот на Комисијата, на претседавачот Германија и на сите други држави членки. – Сега поголем притисок кон нас доаѓа особено од вицепремиерот Каракачанов и министерката за надворешни работи Захариева за да прифатиме некаков „компромис“ по нивна мерка. Видливо е дека европските дипломатии, со прагматичен пристап, бараат формула во која нашата страна би покажала некаков чекор што ќе овозможи спасување на бугарскиот „образ“, па премиерот Борисов потоа да покаже некаква добра волја и да не ја блокира првата Меѓувладина конференција, оценува Ристевска Јорданова.

И Александар Кржаловски од МЦМС, е согласен дека е можно, а според него, дури и се поизвесно ветото на Бугарија за старт на преговорите. –Видливи се, а има и доста невидливи напори на другите земји членки, а особено на Германија како актуелен претседавач со Унијата, да ги надминат бугарските забелешки или желби или очекувања, барем привремено, за да отпочнат преговорите, но моќна е таа можност за вето што секоја земја членка ја има и може да ја искористи. Паметиме како Грција ја искористи во 2008, посочува Кржаловски.

Со цел доближување на ставовите на Северна Македонија и Бугарија, во рамки на дипломатските напори на Германија за остварување на таа цел, неодамна се одржа и средба на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на димпломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на инцијатива на нивниот германски колега Хајко Маас, по која беше соопштено дека бил постигнат мал напредок.

Вчера бугарското МНР соопшти дека Захариева е во самоизлација и се чека резултатот од нејзиниот ПЦР-тест. Таа се самоизолирала откако заменик министерот Петко Дојков кој бил дел од делагацијата на состанокот во Берлин во понеделникот со делегацијата од Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија бил позитивен на брз тест за КОВИД-19.

Во карантин заминуваат и Маас и Рот. Маас заминува во двонеделен карантин по средбата со Захариева и нејзиниот заменик Дојков во Берлин, како и германскиот министерот за Европа Рот. Како што соопшти германското МНР во изолација заминуваат и други вработени во Министерството кои присуствувале на средбите. Првиот тест на Маас бил негативен на коронавирус.

Димитров и Османи не се во изолација, оти, според проценката на Комисијата за заразни болести, немале ризичен контакт.

 

-Нема ризичен контакт и нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација која присуствуваше на состанокот во Берлин, заклучила Комисијата за заразни болести, по извршената епидемиолошка проценка на ризик, соопштија од Секрертаријатот за евопски прашања и од Министерството за надворешни работи.