Белград - Приштина главна тема во Берлин

Уште пред да почне, средбата во Берлин на релација Белград, Приштина и ЕУ се соочи со проблеми. Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека и покрај тоа што главна тема се односите Белград - Приштина, сепак некои чудни моменти укажуваат на изборот на учесниците на состанокот кои ги повикале Меркел и Макрон. Според Вучиќ, Белград останува на ставот против независност на Косово, а прашува зошто на средбата се повикани премиерите на Словенија и на Хрватска, а не премиерите на Романија и на Унгарија. Вучиќ во Берлин имаше средба со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, а пред почетокот и подари корпа велигденски јајца. Могерини и Вучиќ се кршеа, а резултатот беше дипломатски, односно нерешен. По средбата, Вучиќ изјави дека кога ќе се укинат таксите, тогаш Белград ќе биде подготвен да продолжи со дијалогот со Приштина.

„Не сакам да правиме политички циркус, туку убаво да разговараме. Сакаме да ја зачуваме стабилноста, трајниот мир и почеток на решавање на оние проблеми кои се актуелни. Не сум оптимист дека нешто ќе се реши“. - изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Според аналитичарите, средбата во Берлин е притисок врз Србија да се откаже од какво било барање за компромисно решение за Косово. Некои германски медиуми пишуваат дека Вучиќ кој зборува дека ја води земјата кон ЕУ, истовремено се соочува со провладините медиуми во Србија кои ја користат секоја прилика да пишуваат против ЕУ. Според германските медиуми, анкетите во Србија покажуваат најниска доверба кон ЕУ, а според Вучиќ тоа е последица на признавањето на Косово на повеќето членки на ЕУ. Косовскиот претседател Хашим Тачи, пак во Берлин изјави дека нема да има дијалог и преговори со Белград без САД.

„Без САД нема дијалог и преговори. Косово е независна и суверена држава“. - изјави Хашим Тачи – претседател на Косово.

Тачи и косовскиот премиер Харадинај порачаа и дека немаат информации за каков било нацрт-договор што би бил постигнат во Берлин.