Белгиски бизнисмен одново испрати понуда за „Ван Хол“
Се враќа во игра бизнисменот кој претходно се откажа од купувањето на белгиски Ван Хол. Белгискиот претприемач Гвидо Думареј, чија Думареј груп даде понуда за банкнотираниот автобуски гигант, па ја повлече, сега со нова понуда. Иако пред два дена белгиските медиуми пишуваа дека Ван Хол, чиј значаен дел од производството е во Македонија, ќе го преземат германскиот Шмиц Каргобул и холандскиот ВДЛ, нивната понуда предвидуваше задржување само на една половина, до една третина од 1800-те вработени во Белгија. Со понудата, Думареј предвидува задржување на поголем број работници, па тоа сега го прави фаворит.
Ние лицитираме заедно со американскиот дилер на Ван Хол, АБЦ Компанис – тие 40 проценти, ние 60 проценти – за одделот за производство на автобуси и во Америка и во Македонија. Во Белгија, ние сме заинтересирани за одделот за услуги, одделот за истражување и развој, по продажбата и организацијата потребна за водење на сите тие активности. Сега останува на доверителите да споредат која понуда е најдобра.
И додека белгиската централа на Ван Хол се соочува со драматичен банкрот, поради огромните долгови и долгиот семеен судски процес за наследството на акциите, фабриката во Македонија се подготвува за уште поголем обем на работа. Оттаму најавија дека нема да има отпуштања и кратења на платите. По краткиот принуден одмор, работниците се повторно во погоните. Тоа завчера го потврди и македонскит партнер на Ван Хол Иле Николов, сопственик на штипска Актива. Тој најави префрлање на целото производство од Белгија во Македонија и значително зголемување на девизниот прилив, кој лани изнесуваше 15 милиони евра. Пред две недели, за својата фабрика во Бунарџик, Ван Хол преку огласи бараше нови вработени на повеќе од 30 позиции. Белгиската компанија која во Македонија изработува висококвалитетни автобуси е една од најпосакуваните фабрики за работа, поради високите плати и бенефиции.