Белгија го чествува Денот на примирјето во Првата светска војна
Белгија денеска го чествува Денот на примирјето, со кој се одбележува годишнината од прекинот на огнот во Првата светска војна на 11 ноември 1918 година и воедно им се оддава почит на милионите загинати во овој четиригодишен конфликт.
Главната свеченост за одбележување на Денот на примирјето во Белгија ќе се одржи пред Менинската порта во градот Ипр, каде се водела една од најжестоките битки на Западниот фронт за време на Војната.
Портата, изградена во 1927 година, е замислена како „споменик на исчезнатите“ и на неа се наведени имињата на околу 54.000 војници од сите делови на тогашната Британска Империја кои загинале во конфликтот, но чии тела никогаш не биле пронајдени или идентификувани.
Во пресрет на Денот на примирјето, вчера во градовите Диксмауде и Де Пан се одржаа комеморации за непознат белгиски војник загинат за време на Првата светска војна, чии останки беа откриени минатата година.
Војникот беше погребан со воени почести на најголемите воени гробишта во Белгија, што се наоѓаат во Де Пан, во присуство белгискиот крал Филип, претставници на Министерството за одбрана, на локалните власти и на повеќе институции, како и на околу 200 граѓани.
- Сеќавањето е важно. Никогаш не смееме да го заборавиме ова. Се сеќаваме на жртвите, но и на бедата што ја донесе војната, изјави на церемонијата Стив Мертенс од Институтот за воено наследство.
Останките беа откриени лани во септември за време на работи за изградба на велосипедска патека на бреговите на реката Исер во Диксмауде, на стотина метри од т.н. „коридор на смртта“, односно комплексот од ровови во тој дел на фронтот. Покрај останките на војникот беа пронајдени и копче од униформа со белгиски лав и оштетен прстен со натпис „1915“ и со ловечки рог, симбол на две белгиски воени единици, што беа искористени за потврдување на неговата националност.

