Бела куќа: Трамп е отворен за самит на Алјаска со Путин и Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп е отворен за одржување трилатерален самит во Алјаска на 15 август со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави функционер на Белата куќа, додавајќи дека во моментов е планирана само билатерална средба меѓу Трамп и Путин.

„Белата куќа во моментов планира билатерална средба со Путин на негово барање“, рече функционерот, според Ројтерс.

НБС вчера објави, повикувајќи се на висок американски функционер и три лица информирани за внатрешните дискусии, дека Белата куќа размислува да го покани Зеленски на Алјаска, каде што Трамп треба да се сретне со Путин во петок.

Во извештајот се наведува дека посетата на Зеленски не е потврдена и дека не е јасно дали украинскиот лидер на крајот ќе биде во Алјаска за состаноците, но дека тоа останува можност.

„Се дискутира“, рече еден од изворите.