Бектеши: Со Албанија ќе реализираме заеднички проекти за изградба на инфраструктура за снабдување со гас и инвестиции во обновливи извори на енергија
Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на Втората меѓувладина седница на Владите на Северна Македонија и Албанија со неговите колеги Белинда Балуку, министер за инфраструктура и енергетика на Албанија и Едона Биљаљи, државен министер за заштита на претприемништво на Албанија потпиша два Меморандуми за соработка.
Меморандум за соработка во енергетиката и Меморандум за соработка за развојот на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија и стартапи.
Земајќи ги предвид поволните услови на двете земји за проширување на енергетската соработка како и важноста и бенефициите од билатералната соработка во енергетскиот сектор и енергетските ресурси заради взаемна корист и во согласност со принципите на легислативата на ЕУ и Договорот за основање на Енергетска Заедница со Меморандумот за соработка во енергетиката е предвидено да се интензивира билатералната соработка во енергетскиот сектор согласно национални политики и стратегии на Северна Македонија и Албанија.
Целта на Меморандумот за соработка во енергетиката е да создаде рамка за соработка меѓу двете страни за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, главно кои се однесуваат на инфраструктурата за природен гас и ТНГ терминалот во Валона, како и обновливите енергии.
Исто така, преку него ќе се реафирмира волјата и подготвеноста на страните за долгорочно планирање на инфраструктурата и координиран развој на поврзаноста Албанија - Северна Македонија, со фокус на подобрување на енергетската безбедност во регионот на Западен Балкан и сигурно снабдување со енергија.

