Бектеши: Се замрзнува маржата на огревно дрво и пелети за огрев на 10 отсто

На предлог од Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за определување највисоката трговска маржа за огревното дрво од даб и бука, како и за пелетите за огрев.

Според оваа владина одлука највисоката трговска маржа за овие производи за сите трговци се утврдува во висина од најмногу до 10 отсто, објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Ова ограничување на висината на трговска маржа ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа.

Причината за ограничување на трговската маржа се заснова на усогласување на разликите во цените кои сега се присутни во трговијата на мало, односно при продажба на огревно на дрво и пелети за огрев.