Бектеши: Проектите од ТАВ Програмата ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните
Со реализација на проектите од ТАВ Програмата Владата има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните во сите општини, порача министерот за економија Крешник Бектеши, кој заедно со градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети и заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи денеска изврши увид во реконструкцијата на патниот правец Буковиќ-Раовиќ.
Се работи за пат долг шест километри со вредност на инвестицијата од 47 милиони денари, кој е еден од 94-те проекти од ТАВ Програмата за поддршка на општините.
-За сите проекти кои покажаа економска оправданост предвидовме средства, а во соработка со компанијата ТАВ беа избрани проекти кои што се јавен интерес, како што се локални патишта, водовод и канализација, училишта, градинки и други проекти. Нашата главна цел е со реализација на вакви проекти да го подобриме животот на граѓаните во сите општини низ државата. Тука во општина Сарај директно од програмата на ТАВ ќе се реализираат два проекта, а дополнително ќе се реализира и проект за изградба на спортска сала. Со ова покажуваме дека локалната власт заедно со централната власт може да реализира проекти во краток рок, рече Бектеши.
Градоначалникот Беџети и се заблагодари на Владата за прифаќањето на овој проект, кој, како што кажа, е многу битен за општината.
-Ние како општина аплициравме за овој проект и ни беа одобрени средства во вредност од 47 милиони денари за реконструкција на патот од село Буковиќ до село Раовиќ во должина од шест километри. Ќе се прошири на одредени места и ќе има браници поради положбата на населеното место за посигурно движење на граѓаните во овој предел. Мило ми е што и Владата имаше разбирање за нашето барање и со ова докажуваме дека и во малите населени места се инвестира и се грижиме за граѓаните без разлика на тоа колку луѓе живеат на одредено место, посочи Беџети.