Бектеши: Поскапувањето на струјата ќе биде најмногу 10 проценти
Информациите дека струјата ќе скокне за 40 отсто се шпекулации, едногласни се министерот за економија Крешник Бектеши и вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Изјавите доаѓаат само еден ден откако Регулаторна комисија откри дека една од компаниите кои ја формираат цената на струјата бара зголемување за 100 отсто, а повисока цена побараа и државните електрани.
Министерот Бектеши вели дека државата со 65 милиони евра веќе ја подобрила ликвидноста на ЕСМ, а дека се планираат и дополнителни 15 милиони евра за набавка на мазут за ТЕЦ Нeготино.
Замрзнување на цената на струјата по примерот на Бугарија е неодржливо, тврдат ресорните министри. Бектеши вели дека од либерализиран, Бугарија со мерката преминува во регулиран пазар, што во земјава тоа е одамна практика. Вицепремиерот Битиќи тврди дека по 1 јануари Македонија повторно ќе има најниска цена на струјата во регионот.
Министерот Бектеши не даде конкретен одговор дали поради високата цена на природниот гас ќе скокне и цената на парното. Тој вели преговорите со Гас пром почнале, но потенцира дека земјава е увозно зависна од цената која ќе ја понуди овој снабдувач.