Бектеши: Отворањето на угостителските објекти зависи од препораките од Комисијата за заразни болести
Foto

Бектеши: Отворањето на угостителските објекти зависи од препораките од Комисијата за заразни болести

Министерството за економија како надлежно за секторот угостителство ги почитува сите предлози и препораки од Комисијата за заразни болести. Во зависност од препораката од Комисијата, Владата ќе расправа и ќе донесе соодветна одлука кога ќе почнат со работа угостителските објекти, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Комисијата и предлага на Владата кои објекти првично ќе бидат отворени и во кои фази кои објекти и кои сектори првично ќе почнат со работа. Како Министерство ги дадовме своите забелешки и сугестии за пртотоколот што ни беше доставен, но крајниот збор го има Комисијата за заразни болести, рече Бектеши на прес-конференција во Владата, во одговор на прашање зошто прво се отворија моловите, а не угостителските објекти.

За тврдењето на правниците дека третиот пакет мерки што го донесе Владата е неспроведлив зашто за време на предизборие е забранета исплата на средства, Бектеши рече дека уште дефинитвно не е утврден датумот на изборите.

-Во однос на забелешките од правниците јас мислам дека во креирањето на економските мерки повеќе треба да бидат вклучени економистите, а правниците да бидат консултирани за сугестиите како тие да бидат спроведени во рамки на законите и прописите. Ако ја споредиме нашата Влада со владите од регионот, ние веќе го усвоивме и почнуваме со реализација на третиот сет на економски мерки со кои им помагаме на работниците, но истовремено и на стопанството што полесно да влезат во фазата на обнова  на економијата, рече Бектеши.

Прашан дали по острите критики за третиот пакет се размислува за нов пакет на мерки, министерот за економија рече оти не смета дека имало остри критики за третиот пакет.

-Мислам дека Владата и сите надлежни  министерства на најтранспарентен начин во отворен дијалог и во соработка со стопанските комори и експертите од областа ги креираше мерките кои ќе бидат во насока на поддршка на работните места, но истовремено и на зголемување на конкурентноста на економијата во целина, потенцира Бектеши.

0 Коментари

Остави коментари