Бектеши оди во домашен притвор - истрагата продолжува
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, кочанскиот основен суд мерката притвор им ја замени со мерка куќен притвор по предлог на ОЈО Кочани.
Од Основниот суд во Кочани за Тв 24 велат дека од Обвинителството им се пристигнати 18 предлози за продолжување на мерка притвор и куќен притвор, но за овие предлози кочанскиот основен суд ќе одлучува во наредните неколку дена.
Во моментов, 12 лица се во притвор, 18 во куќен притвор, а на 14 лица им се определени мерки на претпазливост. Додека пак ОЈОГОКК води истрага против седум полициски службеници. Додека трае истрагата за пожарот кој настана во дискотеката „Пулс“ во Кочани и Обвинителството работи на вештачења и ги привршува распитите на сведоците, обвинувањата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ не престануваат.
Опозициската СДСМ со обвинувања упатени до владејачката ВМРО ДПМНЕ за одбивањето на предлог-законот за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.
„Овој закон предвидуваше сеопфатна, праведна и итна поддршка за жртвите, преживеаните и нивните семејства, со конкретни мерки и гарантирани права. За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против со што свесно ги ускратија семејствата од правична и заслужена поддршка.“ - СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ со став дека СДСМ прави политизација и се обидува да печали политички поени врз туѓата несреќа.
„Венко Филипче вчера далеку од тука, најверојатно уживајќи на грчките плажи или пак на увид на градежни активности на 50катница во Дубаи, заедно со својот партнер и ментор Заев пишуваше фејсбук статуси за памфлетот од Закон за настраданите од Кочани. Додека тој ужива во украдените пари, лицемерно поднесува Закон за настраданите од Кочани, на којшто не ни присуствува.“ - Валентин Манасиевски ВМРО ДПМНЕ.
Семејствата на починатите во пожарот реагираа дека не бараат ништо повеќе од правда и бараат одговорност.
Пожарот кој настана пред два месеци во кочанската дискотека „Пулс“, однесе над 50 животи меѓу нив млади луѓе и членови на музичката група „ДНК“ и над 200 повредени дел од нив се на лекување во странство, а дел во земјава.

