БЕГ признава дека треба да се подмири долгот кон Адора, а од Адора тврдат дека се за изнаоѓање решение во интерес на граѓаните

Се уште никој не знае како ќе се отплетка клопчето со парно греењето за скопјани, иако од утре ако макар еден ден дневните просечни температури паднат под 12 степени, радијаторите ќе мора да почнат да греат.

Додека власта бара начин како да ја натера Адора инжинеринг да ги даде под закуп топланите, денеска отворена војна меѓу Адора и БЕГ. Сопственикот на Адора, Ванчо Чифлиганец , во Студио 10 на ТВ 24 обвини дека од лани 22 декември БЕГ бесправно стопанисува со топланите без да има каков било договор со сопственикот Адора. Тврди дека се спремни да го продадат имотот за 8,8 милиони евра од кои 7 се отплата на преостанатиот кредит. Чифлиганец обвини и дека никој не знае каде се  1,6 милиони евра кои БЕГ ги наплатил од сметките за парно од граѓаните.

Со одговор се јави и Балкан Енерџи Груп. Тврдат дека изјавата на Чифлиганец е неточна.

- БЕГ ги користеше согласно Договор за закуп со Топлификација, а согласно Закон за облигациони односи договорот го наследува новиот сопственик на топланите. Во моментот кога Адора ги купи топланите знаеше дека истите се под долгорочен закуп на БЕГ за вршење на јавната дејност, што беше наведено и во огласот за продажба. - велат од БЕГ.

БЕГ тврди дека редовно исплаќал месечна закупнина на Адора од 2,6 милиони денари, но Адора ги враќала бидејќи ценела дека е недоволно. И дека е неточна ијавата дека БЕГ наплатил 1,6 милиони евра кои никаде ги нема, бидејќи парите оделе за набавка на гас и електрична енергија.  Побаравме став и од стечајниот управник на Топлификација Богољуб Макрески, но тој рече дека дополнително ќе се изјасни.

Владата пак се повика на член 6 од законот за енергетика, проблемот да се реши со мислење или решение од  Регулаторна, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Град скопје. Последната опција, која не се исклучува, е национализација. Веќе одобри 18 милиони евра на ЕСМ за набавка на гас, но се уште нема информации до каде се преговорите со Србија, која чека дозвола од руски Гаспром да ни даде гас во замена за струја.