Барометарот на корупцијата 2025: Катастрофата во “Пулс“ трагичен симбол на корупцијата
Катастрофалниот пожар и трагедијата во кочанската дискотека “Пулс” ја одбележа минатата 2025та. Отворањето на истрагата како и поднесувањето на обвинението беше спроведено во предвидениот законски рок, но „ќе се кршат копјата“ во потрага на правдата во судската постапка која ни претстои, оценува Транспаренси Интернешнл-Македонија во својот годишен извештај.
Но, покрај судскиот процес кој е во тек, родителите на загинатите и понатаму упатуваат јавно прашање до надлежното обвинителство – до каде е обвинителниот акт во истрагата за евентуална одговорност на осомничените полицајци?
РОДИТЕЛИ НА ЗАГИНАТИ
- До каде сте со покренувањето на обвинителниот акт за сите началници, командири, инспектори, сменоводители и полицајци кои директно се вмешани во масовното монструозно и насилно убиство на нашите деца? Се наближува веќе една година, а вие абер немате за тој обвинителен акт. Имате милион докази, видео снимки и сведоштва, што ве спречува за поднесување на обвинителен акт?!
А кога станува збор за нова јавнообвинителска одлука против полициските службеници, која првично требаше да биде формирана во септември, сега од Обвинителството за 24 не прецизираат кога би можело да се очекува обвинение за осомничените 26 полицајци.
ОЈО ГОКК
- Истрагата е завршена и осомничените се известени, тече рокот за предлагање на докази од страна на одбраната, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Дали институционалните пропусти, затајувањето на системот за превенција како и недостатокот на колективна свест за сериозноста на последиците кои се предизвикани од корупцијата, сепак ќе резултираат со казнување на виновниците, треба да покаже судскиот процес кој е во тек.

