Барањата на ИВЗ сериозна уцена за секуларно општество каде проблемите се решаваат со разговор без влијание на судски процеси
Foto

Барањата на ИВЗ сериозна уцена за секуларно општество каде проблемите се решаваат со разговор без влијание на судски процеси

Уцените од ИВЗ до Владата за враќање на имотот се сериозни, вели министерот за внатрешни работи.  Еден ден по преписката со ИВЗ, власта испраќа пораки за „смирување на топката“. Двајцата потпретседатели на Владата Бујар Османи и Оливер Спасовски денеска повикаа на дијалог. 

„Повикувам на сериозен пристап на одговорни луѓе и добра комуникација. Оваа влада на чело со Заев покажа дека има сериозен капацитет за сите прашања и дијалог и сакам во тој дух да разговараме со секого и нема да дозволиме било какви уцени“ - рече Оливер Спасовски - министер за внатрешни.

„И верските заедници кои имааат барања и потреби да се деескалира ова прашање и да се разговара за се и сме покажале во минатото, седнувањето на маса е единствениот начин да се решат сите проблеми и да се разговара за барањата“ - вели Бујар Османи - потпретседател на Владата.

Со писмо ИВЗ вчера ја информираше Владата  дека има  10 дена за да го врати имотот во нивна сопственост, бидејќи во спротивно ќе ги информира верниците  на 700 џамии дека се дискриминирани како заедница. Владата возврати дека по уцените планира да ги извести јавното обвинителство. На ова не сакаат да одговорат од ИВЗ оти не добиле официјално писмо. Велат писмото кое го праќаат во предизборието не се должи на револтот од  контролите од УЈП кои ги најави премиерот откако Мухамед Зекири обвини за финансиски малверзации и тврдат дека воопшто немало контроли во ИВЗ. 

„Зошто не направија контроли, ако сакаат да докажат неправилности? И прашајте во Владата зошто на средбата со верските поглавари од ИВЗ, но и од МПЦ пред еден месец премиерот Заев им се извинувал за најавените контроли и дека УЈП имале погрешен пристап“ - изјави Османи Музени - ИВЗ. 

Но, од УЈП и денеска потврдија дека се анализира документацијата на ИВЗ и се утврдува дали има неправилности. Се прибираат податоци од Централен регистар околу имотната состојба на ИВЗ, се испитува и даночната состојба, но не споделуваат заклучоци оти тоа било даночна тајна.  

„УЈП во моментов прави анализа на сите документи коишто ги побара и ги доби од други институции сои цел да се утврди фактичката состојба во ИВЗ.  Инспекторите комуницираат со лицата кои работат на финансиското и сметководственото работење. Секое откривање на дополнителни информации во овој момент е даночна тајна“ - соопштија од УЈП. 

ИВЗ бара да се реши статусот на џамијата во с.Лажец, Битола, Хусамедин пашината џамија во Штип и реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид.  Токму денационализација на објектите била тема на разговор и лани во април кога премиерот Заев се сретна со раководството на ИВЗ.  

Еден месец потоа, реисот Реџепи во интервју за „Арт Ченел“ го предупреди Заев дека ќе ја активира „бомбата“ која ја држи в џеб, ако не го исполни ветувањето да го врати имотот на ИВЗ. Реџепи  тврдеше дека го исполнил „аманетот“ бидејќи Заев,како прв опозиционер побарал негова помош за да се сретне  со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во периодот пред парламентарните избори. 

 

0 Коментари

Остави коментари