Банкротираше автомобилскиот гигант Ван хол во Белгија - фабриката во Македонија ќе се проширува

Банкротираше Ван Хол. Ова денеска е официјално објавено во белгиските медиуми, без информации што ќе се случи со македонската фабрика на оваа компанија за производство на автобуси.

Но, се поизвесно е преземањето на Ван Хол од германскиот производител на приколки Шмиц Каргобул и холандскиот производител на автобуси VDL. Од друга страна, сопственикот на штипска Актива Иле Николов, кој е македонски бизнис партнер на Ван Хол, очекува целото производство да се префрли од Белгија во земјава.

Околу илјада вработени во македонската фабрика на Ван Хол денеска се во погоните. Добиле уверување дека новите газди веќе ја преземаат компанијата и им ветиле краток одмор за време на велигденските празници. Зголемување на обемот на работа годинава очекува и Николов, кој вели дека во моментов 200 луѓе работат за потребите на фабриката, а најверојатно тој број ќе се зголеми.

Белгиските медиуми објавија дека Ван Хол се соочува со неликвидност и долгови, но и спор помеѓу акционерите и наследниците од семејството основач на компанијата.

Пред две недели, за својата фабрика во Бунарџик, Ван Хол преку огласи бараше нови вработени на повеќе од 30 позиции. Белгиската компанија која во Македонија изработува висококвалитетни автобуси, беше една од најпосакуваните фабрики за работа, поради високите плати и бенефиции.