Банките ќе одлучуваат кои проекти ќе се финасираат со унгарскиот кредит, “не“ за рефинансирање
Кои проекти на компаниите ќе бидат финансирани со пари од унгарскиот кредит ќе одлучуваат единствено Надзорните одбори на банките. Владата нема да го мониторира процесот на одобрување на апликациите кои ќе ги поддржат комерцијалните банки. Целата одговорност сега премиерот ја префрла на банките.
Христијан Мицкоски:
„Комплетно одговорноста е на комерцијалните банки, согласно нивните процедури и затоа тие наплаќаат камата од 1,95 проценти. Бидејќи каматата која што ја дава државата е со нула проценти кон комерцијалните банки, и во рамките на тој маневарски простор тие се тие кои се одговорни за тоа кои компании аплицираат со каков проект аплицираат итн во договорот кој ќе го потпишат со Развојната банка. “
Економистите предупредуваат дека постои сериозен ризик овие пари компаниите да ги наменат за други цели а не само за нови кредити, секако ако тоа го дозволат комерцијалните банки. Благица Петрески од Finance Think во интервју за Телевизија 24 вели дека во моментв најбитно е да се има силен мониторинг на целиот овој процес на одобрување на средства од унгарскиот кредит.
Благица Петрески извршна директорка на Finance Think:
„Доколку постои ситуацијата каде што инвестицијата започната, инвестицијата била планирана, каде што се земени некакви кредити за финансирање на таа инвестиција, и сега постои тенденција – потенцијална тенденција и ризик само да бидат рефинансирани старите кредити а инвестицијата веќе била планирана и во тој случај нема да ја исполниме крајната цел. “
За оваа потенцијална проблематика побаравме мислења од неколку експерти од финансискиот сектор. Добивме поделени мислења. Според едни веќе имало преговори помеѓу компании и банки за рефинансирање на веќе земени кредити и на тој начин се зацрвстувала врската и соработката помеѓу двете страни. Оние пак кои негираа дека е можно рефинасирање на кредити со пари од унгарскиот заем тоа го тврдат со образложение дека постои рамковен договор помеѓу банките дека ниту една нема да дозволи одобрување на средства надвор од договорените критериуми.
Сега се чека владата да потпише договор со Развојната банка, потоа како ќе бидат одобрувани кредитите од банките така од сметката каде се парите од унгарскиот кредит така ќе се префрлаат на сметката на Македонската банка за обнова и развој и таа ќе им ги префрла на комерцијалните банки.
Очекувањата на банкарскиот сектор се дека откако и тие ќе го добијат договорот на писмено па до добивање на зелено светло од нивните Надзорни и Управни одбори ќе поменат уште најмалку две недели. Целта со унгарските пари кои на крајот треба да ги враќаат граѓаните беше да се подобри продуктивноста на компаниите, да се одобруваат за купување на машини, градење на производствени капацитети, но во последен момент власта реши дека ќе може со пари од земот да се монтираат и фотоволтаици како и да се градат трговски центри.