Бајден: САД ќе го предводат светот, нема да се повлекуваат од него

САД се подготвени да го водат светот, изјави синоќа  новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден, претставувајќи го својот дипломатски и национален тим за безбедност на идната влада.

-Тоа е тим што го рефлектира фактот дека Америка е вратена, подготвена да го води светот, а не да се повлекува од него, рече Бајден од Вилмингтон, алудирајќи на пресвртот во надворешната политика, пренесуваат светските агенции.

Новоизбраниот претседател ја повтори својата одлучност да се бори против климатските промени, претставувајќи го својот иден специјален пратеник за ова прашање, Џон Кери.

-Сакам да бидам јасен. Ниту за секунда не ги потценив тешкотиите во исполнувањето на моите смели заложби за борба против климатските промени. Но, истовремено, никој, ни за секунда, не треба да ја потценува мојата одлучност да го сторам тоа, рече Бајден.

Кери ја повика меѓународната заедница да биде поамбициозна во борбата против климатските промени, што е еден од приоритетите на Бајден.

Идниот шеф на дипломатијата, Ентони Блинкен, на собир кажа дека ќе се залага за меѓународна соработка во решавањето на светските проблеми.

-Не можеме сами да ги решаваме светските проблеми, мора да работиме со другите земји, кажа дипломатот, истакнувајќи ја потребата од „соработка и партнерство со странските земји“.

Идната американска амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, рече дека мултилатерализмот се вратил во САД.

-Сакам да кажам дека Америка се врати, мултилатерализмот се врати и дека дипломатијата се врати, рече таа.